Опозицијата во Британија во понеделник ќе гласа против предвремени избори

Опозициските лидери во Велика Британија нема да го поддржат барањето на премиерот Борис Џонсон за гласање на избори пред самитот на Европската унија што се одржува во средината на октомври.

На состанокот на лабуристите, либералните демократи и членовите на партиите на Шкотска и Велс, беше одлучено пратениците од тие партии да гласаат или против распишување избори или да се воздржат од гласањето в понеделник.

Домаќин на средбата на опозициските партии беше лидерот на лабуристите, Џереми Корбин.

Британската опозициска Лабуристичка партија има намера повторно да гласа на 9 септември против предлогот на премиерот Борис Џонсон за одржување предвремени парламентарни избори во октомври. Ова го изјави во интервју за Би-Би-Си  министерот за надворешни работи во сенка на лабуристите, Емили Торнбери.

– Лабуристичката партија ќе преговара со другите опозициски партии за  датумот за парламентарните избори, додаде таа.

Иан Блекфорд од Шкотската национална партија изјави дека пратениците сакаат да се погрижат дека Велика Британија нема да „колабира“ поради Брегзит без договор.

Би-Би-Си го цитира Блекфорд кој изјави дека пратениците сакаат да бидат сигурни дека Велика Британија нема да ја напушти ЕУ без договор на 31 октомври.

Лиз Робертс, лидерот на партијата на Велс во Парламентот коментира дека договорот е можност да го соборат Џонсон и да се спречи Брегзит.