23.8 C
Skopje
понеделник, мај 13, 2024

Општина Чаир преку оглас во весник го бара сопственикот на нелегалниот објект во Мавровка

Засега безуспешен обидот на Општина Чаир преку весници да го најде инвеститорот на дивоградбата кај ТЦ Мавровка.

Иако е поминат половина од рокот од 8 дена, кој стои зад новиот објект на сега опожареното кафуле Фонтана , општината не знае, но велат нема да отстапат од намерата да го спроведат решението за уривање.

-Сопственикот досега не се јави. Кога ќе истече рокот ќе се преземат неопходни мерки. Определен е инспектор кој излезе на терен уште пред Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши контрола и доколку има потреба пак ќе го стори тоа.- Општина Чаир.

Дека општинскиот градежен инспектор излегол на терен излегол на терен е известен и ДИГУ чиј директор Локман Љимани за Канал 5 вели дека очекува постапката да ја заврши локалната самоуправа. Доколку не го стори тоа, како што појаснуваат од Инспекцискиот совет, државниот инспекторат ќе може да постапи кога ќе ги преземе надлежностите.

-Доколку е донесено решение за рушење од страна на О. Чаир тогаш постапката треба да си се заврши согласно закон, да се испочитуваат роковите во кои инвеститорот треба да го сруши објектот, а доколку тоа тој не го стори тогаш О. Чаир преку посебна постапка треба да го сруши овој објект. Во случај општината да не постапила, само тогаш ДИГУ може да побара од Министерството за транспорт и врски да им ги пренесе ингеренциите за да можат во целост да постапат.-Магдалена Филипоска Грашкоска – Инспекциски совет.

По “непознатото лице” – инвеститор во објектот прогласен за дивоградба на кој веќе неколку дена нема градежни активности, се уште трага и скопското обвинителство.