Општина Илинден беше домаќин на поголема група стопанственици и претставници на Националната трговска комора од Унгарија, кои што се запознаа со можностите и поволностите за инвестирање во Општината. Во рамките на посетата, во Домот на култура „Илинден“ се одржа бизнис форум на кој покрај гостите од Унгарија присуствуваа и претставници на бизнис заедницата од Општина Илинден.
Со свое обраќање Форумот го отвори домаќинот, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, а меѓу оние што имаа свои излагања пред стопанствениците од двете земји беа и амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Јозеф Бенце, почесниот конзул на Унгарија во Република Македонија, Сашо Јанакиевски, директорот за интернационална соработка на Унгарската национална трговска комора, Ласло Балог, а на присутните им се обрати и Огнен Оровчанец, член на Сојузот на стопански комори на Република Македонија.
Стопанствениците од Унгарија на Форумот можеа од прва рака да се запознаат со можностите и поволностите што Општина Илинден им ги нуди како на домашните, така и на странските инвеститори. Притоа, како што истакна градоначалникот Стојановски посебно треба да се издвојат ниските цени на градежното земјиште, малите давачки, поволната инфраструктура, кои покрај аеродромот „Александар Велики” што се наоѓа на територијата на Општината, слободните економски зони во Бунарџик, 9-те локални економски зони, близината на градот Скопје како седиште на повеќе универзитети и високообразовни институции, како и подготвените нови атрактивни локации во локалните економски зони, придонесуваат за реализација на нови инвестициски проекти.
На стопанствениците од Унгарија им беше презентирана стратегијата на Општина Илинден за привлекување на што поголем број компании кои што би инвестирале на нејзина територија, со единствена цел отворање на нови работни места и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, како во Општината, така и во регионот.
Стопанствениците од двете земји ја искористија средбата за меѓусебно запознавање, размена на информации и искуства со цел остварување на бизнис соработка. Според зборовите на унгарскиот амбасадор во нашата земја, Јозеф Бенце, со оваа средба, со овој бизнис форум е поставен мостот по кој во иднина треба се интензивира и досега успешната македонско-унгарска соработка.