Општина Карпош го изгласа ДУП-от за бензиска на „Пуцко Петрол“

Шеснаесет советници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ во Општина Карпош го изгласаа Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05, со кој се овозможува изградба на бензиска пумпа од страна на компанијата Пуцко Петрол во непосредна близина на Александар Палас.

Токму за овој плац се однесуваше реакцијата на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски до скопската градоначалничка Данела Арсовска, која, според него, требала да формира Комисија за урбанизам и да се заврши постапката околу ДУП-от, бидејќи во спротивно Карпош ќе треба да плати оштета од 15 милиони евра.

–Државниот правобранител беше кај мене и кажа дека под итно треба да се усвои ДУП-от, по што истата локација правобранителството на суд ќе и ја понуди на компанијата. Ако одбие, ќе нема право на оштета, вели Јакимовски во изјава за Фокус, додавајќи дека правобранителот периодов праќал дописи до Општина Карпош и Град Скопје, па дури предочувал и на евентуална кривична одговорност.

Арсовска, пак, му одговори дека тој врши медиумски и институционален притисок врз Градот за да даде позитивно мислење на одреден урбанистички план, наместо, како што потенцираат, вината да ја бара кај неговиот претходник.

„Градот Скопје не учествувал во постапката за поништување на претходниот урбанистички план во Општина Карпош, за да преземе каква било одговорност за каква било штета настаната поради суспензија на претходен урбанистички план, ниту учествувал во постапката за продажба на земјиштето“, возвратија од Градот.

Против ДУП-от беа советниците од „Независни за Карпош“ и од Левица, кои не ни присуствуваа на денешната вонредна седница на која единствена точка на дневен ред беше усвојување на ДУП-от.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поддржа носењето на овој ДУП, за да се избегнат милионските штети.

„Ценејќи ја сериозноста на ситуацијата и заканата од милионски суми на штета по евентуалниот судски изгубен спор за Општина Карпош, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Општина Карпош ќе ја поддржи точката од предложениот дневен ред.

Непријатноста во која што сме доведени за толку важно прашање да одлучуваме на вонредна седница веројатно е настаната поради неодговорното владеење на претходниот градоначалник од редовите на СДСМ. Од за нас неразбирливи причини, актуелниот градоначалник ова не го посочува.

Затоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бара од соодветните органи и институции да покренат истрага во која ќе утврдат одговорност на сите инволвирани во овој случај“.

Од Независни за Карпош порачаа дека едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал.

„И покрај заканите дека доколку не гласаме т. е. не соработуваме ќе бидеме кривично гонети, како и приказните дека Општината ќе биде финансиски заглавена, за кои има нула конкретни достапни документи и информации, ние од ‘Независни за Карпош‘ повторуваме дека сме избрани од граѓаните да гласаме онака како ни налага нашата совест“.

Претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претходно на својот фејсбук профил објави дека до него пристигна барање за свикување итна седница од страна на советничката група на СДСМ, со една точка на дневен ред, ДУП-от за бензинската на Пуцко Петрол.

„После вчерашниот состанок со сите советници на Општина Карпош, каде државен правобранител се дрзна да најави кривични ако ДУПот не помине, одлучив да не свикам седница и вечерва ги известив сите советнички групи. Седница под уцена од страна на партиски пајташи со функција, нема легитимитет и таква седница јас не можам да одржам.
Деловнички имаат можност да одржат седница за спас на Пуцко. Па нека ја држат без мене и останатите советници од Левица.

За разлика од другите партии ние сме во политика за јавен интерес а не да слугуваме на капиталот и коалициските интереси. Верувам дека заради тоа сме и најбрзорастечка партија во државата и пошироко“, напиша Ристов.