Општина Карпош воведува зонско паркирање?!

Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека Општина Карпош до нив сѐ уште не ја доставила потребната документација за изработка на проект за уредување на паркирањето.

Граѓаните што живеат во населбите Карпош 1 и Карпош 2 сѐ уште немаат решение за проблемот со недостиг на паркинг-места, иако Општина Карпош уште пред две години презема иницијатива за воведување регулирано паркирање во овие населби. Анкетата што се спроведе тогаш меѓу жителите и на која тие се изјаснија за воведување зонско паркирање, досега нема разврска.

Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека имаат предвидено уредување на паркирањето низ Скопје и дека новото раководство ќе се посвети на реализирање нови проекти, како и на решавање на проблемите со паркирањето. Според Инвестициската програма и потребите на главниот град, во текот на 2022 година, во соработка со локалната самоуправа, како што информираат од претпријатието, планирано е уредување и оспособување нови паркинг-површини, со кои дополнително ќе се зголеми бројот на паркинг-места во повеќе општини, и тоа во Карпош, Кисела Вода, Аеродром и во Ѓорче Петров.