Град Скопје лани потрошил 31 милион евра на тендери што е една четвртина од вредноста на јавните набавки на сите општини заедно, покажуваат податоците на Базата на податоци за сите тендери на општините во 2020 година на Центарот за граѓански комуникации.
Податоците покажуваат дека половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и само седум други општини.
Само Градот Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 отсто од сите пари за јавни набавки на општините – велат од Центарот за граѓански комуникации.
Сите 80 општини вклучително и Градот Скопје за јавни набавки во кризната 2020 година потрошиле вкупно 129 милиони евра. Единиците на локална самоуправа склучиле вкупно 3.454 договори за јавни набавки со 1.164 фирми.
Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на општините е на Градот Скопје со градежната компанија Гранит од Скопје во вредност од 6 милиони евра за втората фаза од изградбата на булеварот АСНОМ во скопски Аеродром.
Втор по вредност е исто така тендер на Град Скопје, од 2,6 милиони евра, со фирмата Ју-Бај од скопското село Бојане за реконструкција на булеварот Никола Карев.
Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Гостивар во вредност од 2,3 милиони евра со тетовската фирма Аќуа-Инженеринг за изградба на фекална и атмосферска канализација во општината.
Првите 10 фирми со најголема вредност на јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 23 отсто, што е за 4 отсто повеќе од 2019 година кога уделот изнесуваше 19 отсто.
Интересно е што само две фирми кои и во 2019 година биле меѓу првите десет, успеале да останат на таа листа и во 2020 година. Тоа се тогашниот лидер Ју-Бај од село Бојане, кој во 2020 година, пак, падна на четвртата позиција и вицешампионот од 2019 година – Пуцко Петрол кој според вредноста на локалните тендери, во 2020 година е на 6. позиција.
Во однос на бројот на склучените договори, и во 2020 година апсолутен лидер е кочанската фирма Рики-Јуниор со 82 договори, дури 15 повеќе од претходната 2019 година. На второ место со по 39 договори се Пуцко Петрол и АД Осигурителна полиса, а на трето место е Македонски Телеком со 41 договор.
Анализата на податоците покажува дека пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина.
Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавните има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра – се наведува во анализата.
По жител, и годинава апсолутен лидер е Општина Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која за јавни набавки има да потроши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра.
Анализата покажува и дека општините лани потрошиле 10,6 милиони евра на кризата со Kовид-19. Буџетски трошоци поврзани со кризата во 2020 година имале 73 општини и Градот Скопје, од вкупно 81 единица на локалната самоуправа. Овој износ претставува само 1,4 отсто од вкупните буџети на општините во кризната 2020 година.
Најголем дел од овие средства, пак, се потрошиле за набавка на заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција и за одржување на јавни површини.
Покрај Скопје, единствена друга општина со поголем износ на потрошени буџетски средства за заштита од короната е Куманово со околу 100 илјади евра. Следни, со суми од околу 50 илјади евра се Кисела Вода, Центар, Битола и Велес.