Бугарската Влада се придржува кон договорот за добрососедство и рамковната позиција, ги уверуваше пратениците во парламентот за преговорите со Македонија вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
Од опозициската социјалистичка партија побараа на говорницата да дојдат премиерот Борисов и шефицата на дипломатијата Захариева за да објаснат до каде се разговорите со земјава.
„Редно е премиерот, кој е во добра здравствена состојба, да дојде и да не информира за преговорите со Северна Македонија. Ако не може, нека дојде министерката за надворешни Захариева.“ – изјави Кристијан Винегин – пратеник од БСП.
Каракачанов од говорницата рече дека никој не вршел притисок врз бугарската Влада, рече дека Софија поддржува членство во ЕУ, но повтори дека Македонија не се придржува до договорите.
„Без надминување на говорот на омраза, без ревидирање на образовниот систем заснован на лажни факти, Бугарија нема начин да се согласи да се закаже првата меѓувладина конференција за почнување пристапните преговори за Република Северна Македонија.“ – изјави Красимир Каракачанов вицепремиер и министер за одбрана.
Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на бугарската национална телевизија изјави дека најверојатно постои изработен проект за надминување на несогласувањата со Северна Македонија на 17 ноември. Јотова која е од редовите на бугарската опозиција заедно со претседателот Румен Радев, смета дека спротивно од тврдењата на бугарските власти, Софија е под постојан притисок од Брисел да не става вето на одобрувањето на преговарачката рамка.
„Мислам дека бугарската влада не ја зборува целата вистина последните денови. Веројатно постои проект што ќе биде предложен на состанокот на министрите за надворешни работи на 17 ноември.“ – изјави Илијана Јотова – потпретседателка на Бугарија.
Според податоците на истражувањето на Галуп Интернешнл Балкан, спроведено меѓу 808 возрасни бугарски граѓани со директно интервју, 51,1 отсто ја поддржуваат Северна Македонија за членка на ЕУ, но само со спроведување на договорот со Бугарија.
Еуроњуз во анализата „Бугарија става кочници за соништата на Северна Македонија за ЕУ“ вели дека Борисов тоа го прави заради неговите внатрешно-политички проблеми. Премиерот Заев во телефонски разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен информирал за тековните разговори со Бугарија и ги презентирал позициите на земјава. Фон Дер Лајен истакнала дека Брисел очекува позитивно решение како заеднички остварен резултат на сите страни за успешна интеграција на Северна Македонија во ЕУ.