Граѓаните на Финска ги опустошија аптеките после пораката на Министерството: „Подгответе се!“ иако инструкциите се многу јасни и таблетите со јод не се за секого.
По објавувањето на соопштението за печатот на финското министерство, речиси сите залихи на јод во таа земја беа распродадени.
Во вторникот, Министерството за здравство во Финска им препорача на граѓаните да купат една доза таблети со јод за сите луѓе на возраст меѓу три и 40 години за да бидат подготвени во случај на опасност од радијација.
Насоките на Министерството за ова прашање последен пат беа ажурирани во 2002 година, се вели во соопштението, додавајќи дека новите препораки се засноваат на ревидирани упатства издадени од Светската здравствена организација (СЗО) во 2017 година.
„Несреќа во нуклеарна централа може да ослободи радиоактивен јод во животната средина, кој би можел да се акумулира во тироидната жлезда. Ова најмногу им штети на децата, кои се изложени на поголем ризик од развој на рак на тироидната жлезда поради високи дози на зрачење“, соопшти Министерството. Исто така, се вели дека во случај на таква вонредна состојба, засолништето е главниот начин за заштита на луѓето од опасното зрачење.
Министерството, исто така, истакна дека единечна доза таблети со јод обично обезбедува доволна заштита. Додадено е дека јодот ретко предизвикува несакани ефекти, но дека луѓето со болести на тироидната жлезда треба да ја користат супстанцијата со претпазливост.
„Возрасните не се изложени на ист ризик, а упатствата повеќе не препорачуваат лицата постари од 40 години да земаат таблети со јод во случај на опасност од радијација“, додаваат од финското Министерство.
Препорачаната единечна доза за популацијата на возраст од 12 до 40 години која е во опасна ситуација со зрачење е 130 милиграми калиум јодид. На децата постари од три години им се препорачува да земаат половина од таа доза.
Експерт за опасностите од земање калиум јодид: „Ако некој реши сам да зема јод, компликациите можат да бидат моментални, повеќекратни и долготрајни“
Министерството соопшти дека нема достапни производи кои се особено погодни за деца под три години. Сепак, препорачаната доза за деца до три години е 32,5 милиграми калиум јодид, а половина од таа за новороденчиња.
Сепак, Министерството предупредува дека и трудниците над 40 години треба да имаат таблети со јод дома, со оглед на тоа што се многу почувствителни.
Од Министерството реагираа на брзањето со купувањето на јод: „Загриженоста е разбирлива, но нема причина за самоиницијативно внесување“.
Најголемиот фински синџир на аптеки во вторникот попладне објави дека залихите на таблети со јод се практично распродадени низ целата земја по најавата на Министерството и дека прават напори да ги обноват резервите, но не знаат кога точно ќе се случи тоа.