Ѓорѓиевски: КУД “Китка” секогаш може да смета на поддршката од Општина Кисела Вода

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска во својот кабинет оствари средба со претставниците од КУД “Китка” од Драчево.

Овој ансамбл кој опстојува со децении е едно од заштитните обележја на општина Кисела Вода. Оттука, и неговото значење за нас е големо, потенцираше при средбата градоначалникот Ѓорѓиевски. Додаде дека преку поддршката на фолклорните друштва, преку овозможувањето на подобри услови за нивното опстојување и функционирање, локалната самоуправа дава свој удел во афирмацијата на македонскиот фолклор и традиција.

Раководството на “Китка” на градоначалникот му ја презентираше својата планирана програма. Со него дискутираа за потребите на друштвото и за можностите кои Општина Кисела Вода може да ги понуди со цел да се подобрат условите за работа, но и за “Китка” да продолжи да биде активен чинител во креирањето на културно уметничкиот живот во овој дел на Скопје.

-Како Културно Уметничко Друштво кое е создадено и функционира во Драчево, во општина Кисела Вода, кое оставило таков белег во светски рамки, “Китка” секогаш може да смета на поддршката од оваа локална самоуправа. А негова задача ќе биде и понатаму да не’ претставува во најдобро светло ширум светот, потенцираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на крајот на средбата.