Ѓорѓиевски: Обезбедивме средства за фотоволтаици за сите училишта и за набавка на багер

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес заедно со директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи, го потпиша договорот преку кој Општина Кисела Вода добива средства за набавка на комбиниран ровокопач-натоварувач. Се работи за проект на Бирото за регионален развој- Министерство за локална самоуправа, за доделување на средства за финансирање на проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој за 2023 и 2024 година. За комплетна реализација на овој проект Општина Кисела Вода средства обезбедува и преку сопствено кофинансирање.

Поседувањето на комбиниран ровокопач-натоварувач (багер) за Општина Кисела Вода значи големо финансиско олеснување бидејќи истиот се користи за чистење и одржување на поголемите канали и мини депониите, за што се ангажира надворешна фирма. За овој издаток, Општина Кисела Вода годишно издвојува од 10 до 11.5 милиони денари.

Воедно, денес Општина Кисела Вода доби и финансиски средства за набавка на фотоволтаици на сите основни училишта на своја територија. Преку овој Договор за реализација на проект во Скопски плански регион, во кој повторно Општина Кисела Вода учествува и со сопствени средства, ќе се постават фотоволтаични системи, со што се штити животната средина, се подобруваат условите за учење и се врши заштеда во сметки за електрична енергија. Инвестирањето во обновлива енергија е светски тренд кој Кисела Вода успешно го имплементира и се очекува да даде резултати, кои се многу важни и потребни во услови на огромна економска криза во која се наоѓа Македонија.