Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Будимпешта се сретна со Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, заедно со потпретседателот Александар Николоски.
Средбата со премиерот Орбан била со сите почести на државно ниво и со официјален пречек во неговата официјална резиденција во замокот „Кармелита“. Во оваа резиденција унгарскиот премиер остварува редовни средби со премиери, претседатели и други високи гости.
На средбата е разговарано за актуелната политичка и економска состојба во земјава, главните предизвици со кои таа се соочува, за стратешките интереси и перспективи на Република Македонија, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво меѓу партиите на Мицкоски и Орбан во рамките на Европската народна партија.
Мицкоски посочил дека за ВМРО-ДПМНЕ исклучиво се важни европските перспективи на Република Македонија кои се загрозени од неодговорната Влада на Заев.
Мицкоски изразил загриженост поради криминалите и корупциските скандали со кои се соочува Владата на премиерот Заев, како и отсуството на правни разрешници на таквите криминални афери кои го загрозуваат функционирањето на правната држава.
-И покрај отсуството на реформи, и сериозните индиции за криминално работење на владата кои допрва треба да се преиспитаат, сметам дека е потребно земјава да добие датум за преговори поради фактот што граѓаните не смеат да бидат заложник на неспособноста на Владата, како и поради потребата да се воспостави уште еден контролен механизам врз владата преку поблиско мониторирање на нејзината работа од страна на европските институции, рече Мицкоскии, додаде:
-Недостатокот на владеење на правото го следат и лоши економски резултати. Наспроти нереалните фалби на Владата и премиерот, граѓаните не живеат подобро а сиромаштијата и иселувањето стануваат актуни проблеми.
На средбата, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, станало збор и за песпективите за меѓусебна соработка, особено во пресрет на Конгресот на Европската народна партија, каде што ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Орбан се сестрински партии членки.
Мицкоски истакнал дека е за развој на меѓусебната соработка и афирмација на стратешките цели на Република Македонија.
https://www.youtube.com/watch?v=ZD-cYbygFLk