Европа ќе мора да ја преиспита својата поддршка за Украина доколку Доналд Трамп стане претседател на САД, бидејќи континентот „нема да може сам да го носи товарот на војната“, изјави во неделата унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан се противи на воената помош за Украина и јасно стави до знаење дека мисли оти Трамп ги споделува неговите ставови и дека ќе преговара за мирно решение за Украина. Унгарскиот премиер отворено го поддржува поранешниот претседател републиканецот Трамп во трката против демократската кандидатка Камала Харис на американските избори во вторник.
„Ние (во Европа) треба да разбереме дека доколку Америка добие претседател кој е за мир, во што не само што верувам, туку и така ги исчитувам бројките (…) ако се случи она што го очекуваме и Америка е за мир, тогаш Европа не може да остане провоена“, рече Орбан.
Украина ќе биде високо на агендата на состанокот на европските челнии во Будимпешта следната седмица, рече Орбан, мислејќи на состанокот на Европската политичка заедница и понеформалниот состанок на лидерите на ЕУ.
„Европа не може сама да го поднесе товарот (на војната) и ако Американците се префрлат на мир, тогаш и ние треба да се прилагодиме и ќе разговараме за тоа во Будимпешта“, рече Орбан.
Европа е загрижена како исходот од изборите во САД ќе влијае на војната во Украина и на безбедноста на континентот. Орбан ги разгневи бирократите во Брисел, со кои инаку на разни полиња „војува“ речиси цела деценија, со неговите блиски односи со Русија и противењето на испораките на оружје за Украина, што според него само ја продолжува војната и патењето на украинскиот народ.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во јули изјави дека унгарската влада го гледа Трамп како „шанса за мир“ во Украина. Орбан, исто така, во јули изјави дека неговиот тим им помага на соработниците на Трамп за миграциските политики. Исто така, унгарскиот премиер му се јави на Трамп во четвртокот за да му посака среќа на изборите во вторник.