Унгарскиот премиер Виктор Орбан им порача во петокот на челниците на Европската унија кои константно го критикуваат поради неговите конзервативни политики, дека Унгарија нема да стане „земја на имигранти“.
Орбан изјави дека Европската унија верува оти владеењето на правото го следат само оние земји кои се за миграцијата и кои се подготвени да се претворат во земји на имиграција, нагласувајќи дека Унгарија ќе се спротивстави на тоа.
„Унгарија ќе се спротивстави на тоа и ние нема да прифатиме финансиски притисоци. нашата позиција е цврста“, изјави Орбан за јавното радио.
Според унгарскиот премиер, ЕУ треба да се фокусира на обезбедувањето на потребните средства за земјите членки, на кои тие им се потребни.
Оцени дека условеноста со „почитување на правата“ не треба да биде услов за издвојување пари од Фондот за помош, и оцени дека зад тоа стои американскиот берзанстски шпекулант со еврејско-унгарско потекло, Џорџ Сорос.
„Сорос уште во 2015/2016 година препорача дека земјите кои не сакаат да прифаќаат мигранти треба да бидат финансиски казнети. Прифаќањето на сегашниот предлог на ЕУ би значело дека дел од нашиот буџет може да биде одземен ако одбиеме да прифатиме мигранти“, рече Орбан.