Орце Камчев бара нов пасош за да оди на бизнис состаноци во Швајцарија и Турција

Бизнисменот- осомничен во „Империја“ Орце Камчев бара уште еден привремен пасош од судот. Планира во следната година да патува на веќе закажани бизнис состаноци во Турција, Швајцарија. Шестмесечниот пасош за кој доби зелено светло од Катица Јанева му истекува утре. Дали повторно треба да добие ист ваков пасош ќе одлучи судот по мислење на обвинителката Лиле Стефанова.

– Стасано е кај мене барањето. Треба да се соберат податоци да се напише одговор. Ако ми е потребна помош може и да се реферира кај републичкото обвинителство, па тогаш да се испрати до Кривичниот суд на одлучување. – вели обивнителката Лиле Стефанова за тв 24.

Каде е сега Камчев не знаат во обвинителството и велат дека до утре му важи одобрената патна исправа. Некои портали обајвија дека е во Лондон. Неговата одбрана гарантира дека е во Македонија и дека до сега изминатите шест месеци со привремениот пасош излегол повеќе од 40 пати и се вратил во земјава. Токму поради позитивните одлуки да излезе од притвор и да му се даде пасошот, Катица Јанева од шефица на СЈО заврши како обвинета во аферата Рекет, заедно со Боки 13 и Зоран Милевски, а Камчев стана оштетен. Дал милион ипол евра на Јовановски и Кичеец, а обвинителството има докази дека Јанева добила 50 000 евра и мебел од 5000 евра за Камчев да се спаси од затвор во Империја поради милионски суми на перење пари. Дали парите што ги дале Камчев и неговата сопруга за спас од Империја се поткуп или не, анализира обвинителството за гонење организиран криминал, по кривична од анонимни граѓани.