Бугарски медиум тврди: Камчев се релаксира со јахта во Варна, додека врие аферата „Рекет“

Знаат ли бугарските безбедносни служби дека Орце Камчев се одмора на јахта во пристаништето во Варна, прашува бугарскиот портал АФЕРА.БГ.

Вчера во Северна Македонија беше уапсена шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева по налог на државното обвинителство по аферата „Рекет“.

Во аферата „Рекет“ се објави дека македонскиот олигарх Орце Камчев, кој е под истрага за перење пари, злоупотреба на службена положба и учество во организирана криминална група, бил рекетиран од две лица, Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Зоки Кичеец. Тие му побарале 8 милиони евра за да ја спречат истрагата против него. Камчев им дал 1,5 милион евра. Во снимките кои протекоа за аферата, Јовановски и Милевски тврдат дека на Камчев ќе му завршат работа со помош на шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева.

Јордан (Орце) Камчев беше предложен за почесен конзул на Бугарија во Македонија, но тамошните власти се спротивставија, а нашите власти премолчено се согласија и ја развлекоа кандидатурата.

Целосно безумие беше бугарските власти да го изберат Орце Камчев за почесен конзул, бидејќи тој е осомничен од Специјалното јавно обвинителство во Скопје за корупција и перење пари. Тоа само докажува дека во Бугарија или воопшто нема специјални служби, или се сосема разбиени во корист на нечии интереси.

Во исто време, додека бугарските власти се залагаат за Орце Камчев, во Македонија истражуваат дали компаниите „Орка спорт“ и „Орка текстил“, дел од „Орка холдинг“, создадени уште од таткото на Орце – сега покојниот Илија Камчев, не се затворени со умисла за да се затајат даноци, а преку офшор компании во Швајцарија парите да се вратат во Северна Македонија.

Бугарските служби за „Слободна Европа“ изјавија дека го следат случајот со Камчев, но официјалниот одговор од ДАНС (Државна агенција „Национална сигурност“ – бугарската безбедносна служба, н.з.) бил дека немаат коментар.

И покрај тоа што бугарските служби го следат случајот со Орце Камчев, АФЕРА е должна да ги имформира истите тие специјални служби дека, додека го „следат“ случајот, а во Северна Македонија врие случајот „Рекет“, Орце Камчев во полна кондиција се одмора на јахта во… пристаништето во Варна!

Убаво е бугарските специјални служби да се сетат да проверат чија е јахтата – дали е лично на Орце Камчев или на неговата фирма „Орка холдинг“. Уште поубаво е да проверат во Морската администрација, дали е запознаено со укотвената јахта, дали знаеле или не знаеле за укотвувањето и ако не, зошто бугарските специјални служби се прават „дека се за лимунада“.

извор: АФЕРА.БГ