Ѓорчев: Само во Врање има 30 илјади вакцинирани, а Заев се фали со една кутија вакцини

Продолжува фијаското и дебаклот на Владата на Зоран Заев и Венко Филипче поврзана со смртноста од КОВИД пандемијата и вакцините, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев.

Оваа власт се фали со една добиена кутија вакцини во Македонија, а истовремено во регионот и во светот масовно, масовно, масовно и секаде се вакцинира. Македонија е најлоша и на Балканот, и во Европа и на светот кога станува збор за вакцинација. И за жал Македонија е прва по смртност кога станува збор за починати од КОВИД пандемијата.

Еве неколку бројки кои што ги ставаат работите во контекст, додека Зоран Заев и Венко Филипче прогласуваат за голем успех кога Македонија ќе добие една кутија вакцини со просење и со молење, истовремено Србија веќе галопира кон еден милион и 700 илјади веќе вакцинирани луѓе денес. Бугарија веќе има вакцинирано 300.000 луѓе, Хрватска 250.000 дадени вакцини, Романија речиси два милиони дадени вакцини, Грција еден милион, Албанија веќе се движи кон 20.000 вакцини. Македонија е најлоша на Балканот, најлоша во Европа, и најлоша во светот.

Тоа е резултатот на Зоран Заев и Венко Филипче.

Уште неколку бројки, Србија дневно вакцинира 40.000 луѓе секој ден, 40.000 луѓе. Само во градот Крагујевац се вакцинирани 60.000 луѓе. Во Врање, само во Врање 30.000 вакцинирани луѓе. Во Пирот повеќе од 15.000 вакцинирани. А, Заев и Филипче ни велат дека една кутија е голем успех. Имаа цела една година и добија само една кутија со молење и со просење.

Бангладеш, почитувани присутни, Бангладеш има денес заклучно со денес три ипол милиони вакцинирани луѓе. Пакистан има 250.000 вакцинирани здравствени работници. Боливија има повеќе вакцинирани од Македонија. Еквадор, Панама итн. Вчера ви го соопштив податокот дека само во неколку африкански вчера им дојдоа два ипол милиони вакцини. Кенија доби еден милион, Руанда доби 440.000, Судан доби 800.000 вакцини итн.

Ова зборува за размерите на неодговорност и неспособност кои што ги гледаме во Македонија, кои што граѓаните на Македонија секој ден ги плаќаат со своите животи.

Тоа е реалноста во која што живееме, тоа е катастрофата која што ни се случува, а уште еднаш ќе речам имаме неподнослива леснотија на умирањето во Македонија каде што секој ден ни умираат по 10-15 луѓе, тоа не се обични бројки, тоа се луѓе, тоа се стории, тоа се семејства, рече Ѓорчев.