Ѓорчев: Законот за опојни дроги е само во полза на фамилијата Заеви

Собраниската Комисија за здравство не го одржа продолжението на денешната закажана седница на која на дневен ред е Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во прво читање, бидејќи, како што рече претседателката на Комисијата, Мирсада Емине Асани, пратениците кои се нејзини членови, морале да присуствуваат на собраниска седница.

Седницата на Комисијата, како што беше истакнато, дополнително ќе биде закажана.

По неодржувањето на седницата во собранискиот прес-центар, пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека седницата била закажана за денеска, но министерот за здравство не дошол и на барање на парламентарното мнозинство, седница на Комисијата не се одржа, односно е одложена.

-Факт е дека има огромен отпор во јавноста и кај граѓаните во врска со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции предложен од СДСМ и парламентарното мнозинство. Овој Закон е во функција и за корист на фамилијата Заеви, а наспроти интересите на мнозинството граѓани. Од тие причини апелираме до власта, до СДСМ, до Зоран Заев, до Оливер Спасовски и сите останати да го повлечат овој Закон и да немаме ситуација во Македонија каде државата постепено, а гледаме дека тоа веќе е евидентно, станува Колумбија на Балканот, истакна Ѓорчев.

Мора, нагласи тој, да водиме сметка за јавното здравје, мора Македонија да ја држиме понастрана од најжестоките и најопасните балкански криминалци и од клановите и картелите.

Рече дека голем број случаи поврзани со претепување граѓани, а кои се противници на власта на СДСМ, не се решени.

Судот донесе скандалозна пресуда за ослободување на градоначалникот Курто Дудуш од СДСМ за киднапирање, измачување и претепување граѓанин во неговата канцеларија, додаде Ѓорчев.

Јагода Шахпаска од СДСМ, која е заменик-претседател на Комисијата изјави дека членовите на Комисијата за здравство биле уредно поканети за продолжување на седницата на која се разгледува Предлог-законот за опојни дроги и психотропни супстанции.

-Седницата беше закажана во 12 часот. Пратениците од владеачкото мнозинство беа присутни во салата каде беше закажана седницата, како и колегите кои се членови, меѓутоа и дел од колегите од ВМРО-ДПМНЕ кои не се членови на Комисијата. Претседателката на Комисијата доцнеше, им најавила на службите и кога пристигна околу 12:30 пред почетокот на пленарната седница рече дека доцнела и го известила министерот за здравство Венко Филипче да не доаѓа на Комисијата заради тоа што во 12:30 часот е закажана пленарна седница. Значи го известила да не доаѓа на Комисијата заради тоа што продолжението нема да почне во 12 часот. Оттука наводите кои беа изнесени не се точни, рече Шахпаска.