Една од најпознатите ирански актерки, Таранех Алидости, денеска беше ослободена од ирански затвор речиси три недели откако беше притворена под обвинение дека изразила солидарност со човекот кој беше погубен поради учество во антивладините протести во Иран.
Иранската полуофицијална новинска агенција ИСНА денеска објави дека Алидости, 38-годишната ѕвезда на иранскиот филм „Продавач“, наградена со Оскар на Асгар Фархади, е ослободена од затвор со кауција.
Нејзината мајка Надере Хакимелахи претходно напиша на Инстаграм дека актерката ќе биде ослободена од притвор, пренесе АП.
Алидости им се придружи на неколку ирански познати личности во изразувањето поддршка за протестите низ Иран и критикување на властите за нивното насилно задушување на демонстрациите.
Алидости објави најмалку три пораки за поддршка на протестите на Инстаграм пред да и биде блокиран профилот.
Во една порака, Алидости изрази поддршка за човекот кој беше погубен под обвинение за учество во протести.
Мохсен Шекари беше егзекутиран на 9 декември, откако иранскиот суд го обвини за блокирање улица во Техеран и напад на безбедносните сили со мачета, а една недела подоцна Иран егзекутира уште еден затвореник, Маџидреза Рахнавард, со јавно бесење под обвинение дека прободел со нож двајца паравоени милицајци.
Активистите за човекови права соопштија дека најмалку десетина луѓе во Иран биле осудени на смрт на сослушувања зад затворени врати под обвинение за учество во протести.
Најмалку 516 демонстранти се убиени, а повеќе од 19.000 луѓе се уапсени за време на протестите во Иран од 16 септември, според активистите за човекови права во земјата.