Османи-Борел: Членството на регионот во ЕУ е суштинска безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за време на неговата посета на Скопје.

Османи, како што известуваат од македонското министерство за надворешни работи, се заблагодарил за „оваа навремена посета, како конкретен знак на нашето силно партнерство“, но и „координација во справувањето со последиците од руската агресија врз Украина“ и „манифестација на силната поддршка“ за процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и на целиот регион.

Соговорниците се согласиле дека воениот конфликт во Украина претставува силна повреда на основните принципи на меѓународното право, сериозен удар врз демократскиот поредок, како и сериозен удар врз безбедносната архитектура на Европа и со тоа реална закана за светскиот мир, безбедност и стабилност како и импликациите што може да ги има врз земјите од западен Балкан.

„Верувам дека ова се историски времиња кои бараат цврсти и навремени одлуки, но и единство во дејствувањето на целата ЕУ и нејзините земји-членки. Нашиот закочен процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, која надворешните актери лесно и вешто го користат во нивните активности. Затоа, нема простор за двоумење кон оние земји кои спремно се придржуваат до заедничките европски вредности, принципи и стандарди. Ваквата состојба е императив земјите-членки на ЕУ да направат заеднички напори, да изградат консензус и да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Членството на регионот во ЕУ е суштинска безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата“, истакнал Османи.

Османи и Борел заклучија дека само на овој начин Европската Унија ќе ја зајакне својата стратешка улога во надворешната и безбедносната политика, и ќе го преземе своето стратешко водство, а продолжувањето на политиката на проширување е важно за безбедноста и единството на целиот континент и силата на евроатлантскиот сојуз.

Од страна на Борел, пак, коко што известува министерството, била поздравена целосната усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потврда за нашата неприкосновена евроатлантска определба.