Османи: Бугарските здруженија да си побараат графа во рамките на пописот

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, реагира во врска со реакциите за правата на бугарската заедница во Македонија и порача дека граѓанските здруженија треба веднаш да ги контактираат пописните органи и да си побараат соодветна графа во пописот.

Османи порачува дека земјава има исклучително успешен модел на мултиетничко општество и никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница.

„Република Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко општество. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава, и нивната посебност; напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права. Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“ – вели Османи во реакцијата.

Во однос на македонските Бугари, пред два дена од Бугарија стигна информација дека претседателот Румен Радев имал средба со шефовите на специјалните служби на која побарал да преземат мерки за заштита на Бугарите во Македонија.