Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија континуирано преку програми го унапредува знаењето на младите за целите и вредностите на Организацијата во однос на безбедноста, толеранцијата, недискриминацијата, спречување на ширење говор на омраза.
Актуелниот претседавач на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи, за време на својата прва теренска мисија во земјава, беше во посета на канцеларија на ОБСЕ во Тетово и разговараше со младите кои се дел од програмите за повеќе-јазично образование.
„Би ја потенцирал континуираната работа на Мисијата за поддршка на младите во Северна Македонија, која има за цел интеракција меѓу етничките заедници и со тоа постигнување на уште поголема социјална кохезија. Уште една значајна компонента во конкретниот проект е поддршката на Мисијата во тековната програма за борба против говорот на омраза, која се одвива во тесна соработка со локалната полиција за интеракција со младите, фокусирајќи се на прашањето за говорот на омраза од аспект на етничката припадност и родовата еднаквост“, изјави Османи за време на посетата.
Работата на ОБСЕ во Северна Македонија опфаќа бројни активности од широк спектар на области како: владеење на правото, градење цврсти демократска институции, независно судство, почитување на човековите права, слобода на медиумите, обезбедување помош и поддршка за реформите во изборниот систем, подобрување на социо-економските фактори и инклузивните политички процеси со целосно учество на граѓанското општество.
Османи најави интензивирање на интеракцијата со теренските мисии, како и воспоставување синергија меѓу приоритетите на претседавањето и оние на теренските мисии за да се поддржат и охрабрат луѓето на кои им треба помош, што е во согласност со мотото на Претседателството, а тоа е „За луѓето се работи“.