Османи: Преспа форум е новиот бренд на Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на прес-конференција ги пренесе заклучоците и постигнатите цели на првата меѓународна конференција во рамките на Преспа Форумот за дијалог, која во изминатите два дена се одржуваше во Охрид и Отешево.

– Изминативе два дена бевме сведоци на Конференција, Форум, за кој можам да кажам дека го реализиравме согласно сите прифатени стандарди за вакви настани. Успеавме да покажеме, но пред сè и себеси да си докажеме, дека сме рамо до рамо со нашите партнери и пријатели кога се работи за нашиот придонес во меѓународните односи. Од денес Северна Македонија добива место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер и точка од која произлегуваат позитивни иницијативи; дел од светот каде што секој треба да се чувствува добредојден, и да биде дел од приказната што ние ја понудивме и заеднички ја споделуваме – истакна Османи.

Тој информираше дека Преспа форумот за дијалог доби пофални зборови од сите страни, од сите учесници и тоа не само од организациски аспект, туку и од аспектот на темите што беа понудени за дијалог, како и од самите иницијативи и предлози што произлегоа изминативе два дена.

Османи зборувајќи за постигнатите цели нагласи дека на овој форум регионот зборуваше со еден глас. Беше демонстрирана волја за зајакнување на меѓусебните дијалози на највисоко ниво, беше реафирмирана интенцијата за зајакнување на заемната доверба, за реализацијата на заедничките цели, за стабилен, просперитетен и интегриран регион во европските структури.

– Тоа што за нас е важно е што во неколку наврати беше потенцирано дека проширувањето на ЕУ – не е техничко, туку важно геостратешко прашање за кое е потребно соодветно внимание и политичка волја од сите актери за реализација на заедничките цели. Ако Европа сака да биде обединета, земјите од регионот треба да бидат вклучени преку инклузивен пристап. Местото на Западниот Балкан е во ЕУ и тоа веќе не е прашање на проширување, туку прашање на обединување на Европа – заклучи Османи.