Актуелните состојби во Западен Балкан биле во фокусот на разговорите на денешната средба меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Османи на средбата потенцирал дека забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во регионот, соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР). Османи учествува на Дубровник форум и имал свое обраќање на панелот „Западен Балкан: Нов евро-атлантски моментум”.
Како што соопштија од МНР, Османи го информирал високиот американски претставник за Планот од 9 точки за деескалација на тензиите меѓу Србија и Косово, кој го иницираше во својство на Претседавач со ОБСЕ.
Воедно, било разговарано и за потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на Македонија и земјите од регионот како споделена стратешка цел.
„Процесот на проширување на Европската унија претставува безбедносно прашање, и оттука забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа како целина. Високо ја цениме континуираната поддршка од САД во таа насока, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни“, истакнал Османи.
На средбата било поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што беше истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.
-Европската интеграција на земјите од Западен Балкан е двонасочен процес, кој е во интерес на самиот регион, но не помалку Европската унија и нејзините земји-членки. Во недостиг на јасна слика за таквите придобивки, сме завршиле во криза на недоверба и потребно е што поскоро идентификување на интересот кај двете страни, истакнал Османи во неговото обраќање на панелот „Западен Балкан: Нов евро-атлантски моментум”.
Решението, нагласил тој, лежи во двостраната посветеност – на ЕУ, дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан претставува кредибилен процес, но и на земјите од Западен Балкан, дека нема да притискаат за членство пред да бидат подготвени за тоа.
Османи во обраќањето се осврнал на уставните промени во Република Северна Македонија, за кои, како што нагласил, претставуваат сериозен предизвик.
„Но, се надевам, дека, постоењето на политичка Влада во Бугарија, меѓународната поддршка за процесот и нашата подготвеност да разговараме со новата бугарска Влада, може да значат точка на неповратност во однос на нашиот ЕУ-интегративен процес“, заклучил Османи.
На маргини на Дубровник форум 2023, Османи остварил средба и со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренауд- Басо, додека посебни средби ќе реализира и со заменик претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел и со министерот за надворешни работи на Република Ерменија, Арарат Мизорјан.