Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите го објави билатералниот протокол кој денеска во Софија го потпиша заедно со неговата бугарска колешка, Теодора Генчовска. Договорот има „5+1 точки“, историските прашања, евроинтеграции, говор на омраза, територијални претензии, рехабилитација на жртвите на репресиите во комунистичкиот период и човекови права.
Османи презентираше две верзии на Договорот, за кои вели дека имаат идентична содржина, еден по тематски целини и финалната верзија, за која рече дека е направена по временски целини (краткорочни и долгорочни мерки). Рече дека во текот на денот, во исто време, билатералниот протокол ќе биде објавен и во Македонија и во Бугарија. Прашан зошто билатералниот протокол досега не беше објавен јавно, Османи вели дека многу било важно прво во Собрание да поминат заклучоците за Информацијата на Владата.
Во делот на историјата Османи рече дека обврските се реципрочни и дека Владата нема да се меша во работата и автономијата на историската комисија.
„Какви препораки (ќе се донесат) тоа зависи од Комисијата. За кого ќе дадат препораки, тоа е работа на Комисијата и ние тука не се мешаме. Но, ако препораката е за двете држави, тоа значи дека двете држави мора во ист момент да го реализираат бидејќи обврските се реципрочни. Ние како политика не влегуваме во работата на Комисијата, таа си е автономна, тие си одлучуваат. Тоа што мене ми е важно е дека Комисијата кажува јавно: ‘Ако ние прифатиме, вие слободно имплементирајте зашто ние стоиме позади тоа’. Одлуките се носат со унанимност. Седум наши члена на паритетна основа треба да кажат ‘да’. Сите мерки се однесуваат откако Комисијата ќе одобри“, вели Османи.
Османи посочи дека договорот со ФРОНТЕКС ќе биде потпишан на македонски јазик.
„Досега иако се зборува дека македонскиот јазик не бил оспоруван во Европската Унија, тоа не е точно. Македонскиот јазик го немаше во ЕУ, ниту сме можеле да потпишеме документ со ЕУ со македонски јазик. Ниту преведувачот можел да има таг кадешто стои македонски јазик. Сега, не само што е влезен во рамката како чист македонски јазик, туку ќе го имаме првиот договор во историјата помеѓу Република Северна Македонија и ФРОНТЕКС со дозвола на 27 земји-членки со македонски јазик“, вели Османи.
Шефот на дипломатијата вели дека Министерствата ќе ги следат трендовите на говор на омраза бидејќи целта на овој билатерален протокол е да се подобрат односите меѓу двете држави.
Прашан зошто нема реципритет за уставните измени, Османи појасни дека Бугарија има различно уставно уредување и не признава етнички заедници внатре во државата.