Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на Балканскиот форум кој се одржува во Будимпешта, Унгарија, оствари одвоени средби со своите колеги д Албанија, Олта Џачка и Србија, Ивица Дачиќ, известуваат во четвртокот од Министерството за надворешни работи.
На средбите биле размените мислења за повеќе прашања поврзани со билатералните политички и економски односи, соработката во рамките на регионалните иницијативи, притоа ставајќи акцент на евроинтегративниот процес на регионот на западен Балкан и македонското претседавање со ОБСЕ.
Поздравувајќи го прогресот во преговорите меѓу Србија и Косово, како што се наведува во известувањето за медиумите, Османи истакнал дека изнаоѓањето решение за отворените прашања „ќе означи нова страница не само во односите меѓу двете земји, туку и во севкупната регионална динамика која е под влијание на променетиот геополитички контекст и очекувањата за што поскора интеграција во Европската унија“.
Во пресрет на средбите во Охрид на 18-ти март, Османи нагласил дека трајното и одржливо решение ќе обезбеди мир, стабилност и напредок на регионот во целина.
Било разговарано и за значењето на потпишаните договори во рамките на иницијативата Отворен Балкан, како и договорите потпишани во рамките на Берлинскиот процесод ноември минатата година. Во тој правец, било констатирано дека реализацијата на обврските преземени со овие договори, останува приоритет на земјите-потписнички.