Шведската полиција објави дека осомничениот кој е уапсен откако во петокот отворил оган врз посетители во трговскиот центар во Малме е 15-годишно момче.
Полицијата ја објавила оваа информација на најавената прес-конференција, извести шведската телевизија SVT.
Во инцидентот смртно настрада 31-годшен маж, а жената која била случајна минувачка е тешко ранета но не е во животна опасност.
Според прилогот на телевизијата, полицијата вели дека сѐ укажува на тоа дека станува збор за напад со умисла. Се претпоставува дека осомниченото момче дејствувало само, но не се исклучува дека во злосторството се вмешани и други лица, рекла шефицата полицијата во Малме, Петре Стенкула.
Шведската полиција во петокот објави дека злосторството може да е поврзано со криминалните активности на кланови и банди во Малме, третиот по големина град во Шведска.
Началничката Стенкула изјавила дека сфаќа дека жителите се вознемирени поради инцидентот и оценила дека Малме е зафатен од „спирала на насилство“. Истакнала дека е неопходно да се осмисли долгорочна стратегија за да се запре придобивањето на младите за криминални активности.
Убиствата во пресметките на кланови и банди во последниот период зачестија во Шведска, и станаа една од главните прашања за избирачите пред претстојните избори. Во оваа година досега во Шведска се убиени 44 лица, а речиси сите биле поврзани со криминалот, според податоците на полицијата. Минатата година, пак, во Шведска вкупно имало 46 убиства.