Осомничените директори Васев и Нухи сè уште не се повикани да дадат исказ во Обвинителството

Фондот за здравствено осигурување извршил нов вонреден надзор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, во врска со истрагата за набавка на лекови на реверс и препишување на вишок терапии, при што сомнежите се дека е причинета штета од 30 милиони евра.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски за време на гостувањето во „Топ тема“ информираше дека извештајот на ФЗО е доставен до обвинителството и истиот се анализира, но не можеше да даде детали.

Истрагата, како што рече, продолжува во насока на кривичните дела за кои од почеток се товарат осомничените.

-Во моментов се работи за навистина сложен предмет. Истрагата се уште е на самиот почеток. Ништо не е исклучено. Во тек е економско, финансиско вештачење и вештачење за издвоени медицински истории. Имаме експерт од Словенија. Прибавена е огромна документација. Тоа го кажа и јавната обвинителка и компјутерски податоци кои што се анализираат, рече Коцевски во „Топ тема“ на телевизија Телма.

Во случајот се осомничени пет лица за измама во службата. Двајцата тогашни директори медицинскиот и организацискиот, Нино Васев и Нехат Нухи, според сознанијата на Телма, сè уште не се повикани да дадат исказ, бидејќи во тек е прибирањето на доказите.