Оставката на Заев е констатирана, сега течат уставните рокови за избор на нова влада

По четири и пол години на чело на Владата, Зоран Заев замина од премиерската функција. Неговата оставка вчера беше констатирана од страна на Собранието, а потоа беше испратено формално известување до претседателот на државата со што почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова влада.

Според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Претседателот на државата Стево Пендаровски очекува доверувањето на мандатот да се случи следната недела. Тој синоќа во интервју за Канал 5 телевизија изјави дека му е потребен уште допис од партијата која има мнозинство, за да може да го даде мандатот.

– Ми треба уште еден допис, кому да го дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек, рече Пендаровски.

Според контактите кои се во тек, шефот на државата очекува доверувањето на мандатот да се случи следниот вторник или среда.

– Според контактите на двата кабинети, мислам дека тоа ќе се случува во текот на следната недела, не само затоа што роковите течат, туку мислам дека некои нивни партиски процедури се најавуваат за понеделник навечер, на кои тоа ќе биде дефинирано и можеби следната среда или вторник, ќе можеме да влеземе во таква процедура – давање на мандатот на мандатарот, рече Пендаровски.

По добивањето на мандатот, новиот мандатар во рок од 20 дена ќе треба до Собранието да поднесе програма и да го предложи составот на владата, а новата влада се избера со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

За мандатар се очекува да биде предложен новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој откако би го добил мандатот, би требало во првата половина на следниот месец да ги достави програмата и составот на новиот владин кабинет до Собранието.

Претседателот на државата Пендаровски вели дека Ковачевски е непознаница во политиката затоа што не бил на позиција претходно, но смета дека треба да му се даде шанса.

– Треба да му се даде шанса. Факт е дека има богато академско искуство, има години и години партиски стаж во СДСМ, таму го познаваат. Мислам дека има конекции со разноразни групации кои постојат. Мислам дека има добра стартна основа, рече Пендаровски во интервјуто за Канал 5.

Оставката на досегашниот премиер Заев беше констатирана на вчерашната собраниска седница откако тој завчера ја депонираше до Собранието. Заев ја најави оставката по завршувањето на локалните избори на кои неговата партија беше поразена. Според него, оставката е логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и е израз на преземена одговорност за изборните резултати.

Заев, кој неодамна го напушти и лидерското место во владејачката СДСМ, на чие чело беше од 2013 година, функцијата претседател на Владата ја извршуваше од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.

Од Алијансата за Албанците оставката на Заев ја оценија како задоцнета.

– Оставката на Заев веќе е задоцнета и само покажува дека тој си поднел оставка кога личната состојба не му е добра, а не кога државата и граѓаните не се во добра ситуација. За жал државата и граѓаните одамна не се во добра состојба, особено по две трагедии онаа на модуларната болница и несреќата во Бугарија за кои уште нема одговори и никој не сноси одговорност, изјави вчера координаторката на пратеничката група на Алијанса за Албанците, Илире Дауте.

Поради оставката на Заев, со што целата Влада е во оставка, вчера не се одржа и седницата за пратенички прашања.

Образложението од претседателот на Собранието Талат Џафери беше дека нецелисходно е да се одржи седница за пратенички прашања, бидејќи цела Влада е во оставка, на што реагираа од ВМРО-ДПМНЕ и од Алијанса за Албанците.

– Она што нас не загрижува и она што Владата упорно се обидува да го забошоти е делот од Уставот каде во член 93 покрај другите ставови каде е регулирана оставката на Владата, ставот 5 вели дека Владата на која и е изгласана недоверба, поднела оставка или на која мандатот и претстанал поради распуштање на Собранието останува на должност до избор на нова влада. Тоа е она за што ние зборуваме, во правото постои институт влада во оставка, тоа е влада која треба да раководи со државата во наредниот период до избор на нова согласно роковите и деловникот што го имаме, изјави вчера координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Според него, откажувањето на оваа седница е „уште еден доказ плус за нетранспарентноста на работата на Владата и за нејзините постојани обиди да побегне од одговорност и давање одговори за лошото работење“.