Салах Абдеслам, единствениот преживеан од групата исламистички екстремисти кои убија 130 луѓе во координираните напади од 13-ти ноември 2015 година на неколку локации во француската престолнина Париз, не се жалеше на неодамнешната пресуда против него по што таа стана правосилна, објави во вторникот апелацискиот суд.
Судот во јуни го прогласи Андеслам виновен за терористички напад и убиства.
Уште 19 луѓе се осудени за помагање во организацијата на споменатите напади во концертната сала „Батаклант“, тераси на кафулиња и ресторани во центарот на Париз, и на фудбалскиот стадион „Стад де Франс“ на кој во тие моменти се играше пријателскиот меч меѓу селекциите на Франција и Германија, на кој присуствуваше тогашниот француски претседател Франсоа Оланд, а требаше да присуствува и тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.
Апелацискиот суд во Париз објави во вторникот дека ниеден од осудените не се жалел на пресудите. Тие имаа десет дена да поднесат жалба по изрекувањето на пресудите, рок кој истече на полноќ во понеделникот.
На другите осудени пресудите им беа изречени во јуни по десетмесечното судење, а Абдеслам беше осуден на доживотен затвор со само мали шанси за условно ослободување по 30 години, што е најтешката можна казна според францускиот закон, а која е изречена само четири пати претходно од стапувањето на сила во 1994 година.
На почетокот од судењето Андеслам демонстрираше пркос изјавувајќи дека бил „војник“ на ултрарадикалната сунитска џихадистичка организација Исламска држава која ја презема одговорноста за парискиот масакр, но подоцна им се извини на жртвите.