
„Жал ми е што големата трагедија во болницата во Тетово се користи за политички цели. При крај е овој дел од постапката и деновиве, за брзо време, очекувам Обвинителството во Тетово да донесе одлука во врска со овој настан“, изјави денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, одговорајќи на пратеничко прашање на собраниска седница
Тој напомена дека Обвинителството од почеток пристапи одговорно кон овој случај.
-Доколку ние сакавме да го забошотиме овој случај и да не го истражуваме, немаше уште вечерта на помош на јавните обвинители од ОЈО во Тетово да им ги ставиме на располагање двајцата дежурни јавни обвинители од ОЈО во Скопје и на располагање сите ресурси на Обвинителството, истакна Јовески.
Според него, доволна проценка дека се постапува објективно во овој случај треба да биде и фактот дека Обвинителството побара меѓународна правна помош од германски експерти за да извршат вештачење на конкретниот настан.
-Во овој предмет, сослушани се повеќе лица, извршени се други вештачења од Технолошкиот факултет, вештачење на електричната инсталација… Јас нема сега со оглед на фазата во која се наоѓа предметот да ги изложувам сите дејства што се преземени, но уште еднаш сакам да ве уверам дека Обвинителството целосно го истражува овој случај и на поставените конкретни дилеми одговорности евентуални на определени лица ќе даде одговор. Покрај тоа, сакам уште еднаш во делот на објективното постапување да ве известам дека беше формирана во врска со овој трагичен настан и работна група во Обвинителството од обвинители која им помагаше на обвинителите доколку имаа правни или други прашања што не можеа сами да ги разрешат, објасни државниот јавен обвинител.