Осветлена клучката Кадино

Јавното претпријатие за државни патишта ја осветли клучката Кадино, која е дел од автопатот „Александар Македонски“. Со ова од почетокот на годинава осветлени се вкупно околу 10 километри патишта за што се инвестирани околу 35,5 милиони денари.

Клучката Кадино е осветлена со 22 канделабри од кои 10 се двокраки и 12 еднокраки, а осветлувањето е изведено со систем на намалување на електричната енергија. За овој зафат вложени се 4,5 милиони денари.

– Станува збор за осветлување во вкупна должина од 1.100 метри за што се инвестирани 4,5 милиони денари. Планирано е и осветлување на клучката кај Куманово за која се очекува активностите да започнат кон крајот на оваа година, како и осветлување на клучката пред влезот во Радовиш, изјави денеска директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Од почетокот на годинава осветлување добијаја и клучката Тетово – Југ, клучките на влезовите во Прилеп и Штип, раскрсницата пред Вевчани и влезот во Гостивар, по наплатната станица.

Со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот од 2013 година досега се инвестирани три милиони евра за осветлување на вкупно 30 километри автопатишта, магистрални и регионални патишта.