Основното јавно обвинителството ги отфрли кривичните пријави против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров поднесени од Светскиот Македонски Конгрес.
Надлежен јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од организацијата Светски Македонски Конгрес против две лица за сторени повеќе кривични дела- Повреда на угледот на Република Македонија од член 178 од Кривичниот законик, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците од чл.179, Велепредавство од чл.305, Загрозување на независноста од чл.308, Здружување заради непријателска дејност од чл.324 ст.1, Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.2 во врска со ст.1 и за кривично дело – Самовластие од чл.392 ст.2 од Кривичниот законик. По преземените активности за проверка на наводите во пријавата, надлежниот обвинител утврдил дека во дејствијата на пријавените лица не се исполнети битните елементи на пријавените кривични дела, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност- стои во соопштението од ОЈО.
Од обвинителството додаваат дека кривичната пријава против двете лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, согласно Законот за јавно обвинителство, надлежно е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Поради тоа, кривичната пријава е препратена на надлежно постапување во ова јавно обвинителство.