По состанокот меѓу Владата и увозниците на овошје и зеленчук, одлучено е да се направи мала корекција на цените на доматите и краставиците, информираше денеска на прес конференција министерот за економија, Крешник Бектеши. Корекциите ќе важат од вторник или среда, откако ќе биде изменета и објавена владината одлука. Но, цените на овошјето и на зеленчукот кои беа наведени во одлуката, нема да бидат повеќе од 100 денари.
-Генералниот нашиот увоз се прави од Турција, Грција, Србија и Албанија и повикувајќи се на новите цени во Царинската управа, наредниот вторник ќе ги ревидираме замрзнатите цени – ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има цени од пред неколку дена кои се движеа до 130 и 140 денари, рече Бектеши.
Бектеши рече дека со увозниците разговарале и околу практиката да се доставуваат двојни фактури пред Царинската управа, што е документирано од институциите. Министерот потсети дека е кривично дело прикривањето на данок.
-Немаме надлежност врз ЦУ, но сите наоди ќе ги доставиме и плус јавно ќе следиме за да направат контролите што сум убеден дека ќе се направат, изјави Бектеши.
Бектеши очекува веќе од крајот на април и почетокот на мај цените да паднат, со изнесувањето на тезгите на домашните производи.
-Нема да отстапиме од вакви одлуки во време на криза. Месец април секогаш бил проблематичен во делот на цените на овошје и зеленчук затоа што немаме домашно производство. Нема да толерираме маржи од 100 па и 200 отсто, кажа Бектеши.
Со денешните информации од Државниот завод за статистика, има пад на стапката на инфлација за 2 отсто во споредба со февруари и сега изнесува 14,7 отсто.