Сите возови што го поврзуваат Лондон со континентална Европа беа откажани во саботата поради поплавените железнички тунели во југоисточна Англија, соопшти меѓународниот железнички оператор „Eurostar“, што ги наруши новогодишните планови на илјадници патници.
Од „Eurostar“ претходно објавија дека се откажани 14 возови, а потоа известија дека решиле да ги откажат сите вкупно 41, бидејќи водата во тунелите не се повлекла.
Не е познато што ги предизвикало поплавите во железничките тунели под реката Темза во близина на Ебсфлит, источно од Лондон.
Делови од Англија беа погодени од силен дожд последните денови. На југот на Англија е прогласена „жолта“ опасност поради силниот ветер. елевизиските снимки покажуваат како вода тече во еден од тунелите и ги покрива шините додека стотици патници чекаат со куфери на станицата Сент Панкрас во Лондон.
„Сфаќаме дека ова е важно време за патувања дома на крајот на празниците и пред Нова година и им помагаме на патниците на станиците“, соопштија од „Eurostar“.
Ова е вторпат возовите на „Eurostar“ да доцнат за време на овогодинешните божикни празници. Неочекуван штрајк на француските работници ги прекина божикните патувања на илјадници патници на 21-ти декември.