Откриена неочекувана придобивка од холестеролот

Научниците откриле рецептор кој е одговорен за производството на инсулинот, а за чиешто активирање е неопходен холестеролот, покажуваат резултатите од истражувањето објавено во специјализираното списание Molecular and Cellular Endocrinology.

Инсулинот излачуван од бета-клетките на панкреасот е главниот регулатор на шеќерот во крвта. Истражувачите од Универзитетот Лунд во Шведска, во соработка со колегите Универзитетот Шарџи во Обединетите Арапски Емирати, откриле дека еден од рецепторите лоцирани на површината од бета-клетките игра клучна улога во ослободувањето на инсулинот.

Рецепторот GPR183, што означува G-протеин споен со рецепторот 183, кој се активира кога се врзува за еден од метаболитите на холестеролот, е произведен од црниот дроб.

„Доколку научиме како да го активираме некако овој рецептор во иднина, тоа ќе доведе до развој на лековите кои го симулираат производството на инсулин кај лицата со ниско ниво на холестерол. На пример, со помош на супстанција слична на специфичниот холестерол“, вели шефот на истражувачкиот тим Алберт Салехи од Универзитетот Лунд.

Експериментите на бета-клетките на панкреасот врз глувци и починати луѓе ја потврдиле способноста на метаболитот на холестерот да ја зголеми секрецијата на инсулинот преку активирање на површинскиот рецептор GPR183. Покрај тоа, овој метаболит ги штити бета-клетките од клеточниот стрес, предизвикан од акутна или хронична гликемија, односно зголемено ниво на гликоза во крвта што ја задушува способноста на бета-клетките да лачат инсулин.

Ова откритие може да има уште еден практичен заклучок, откривајќи ја поврзаноста меѓу холестеролот и прекумерната тежина.

„Доколку некој човек има високо ниво на холестерол, се произведува овој специфичен метаболит, што резултира со зголемено лачење на инсулин. Ова доведува до појава на глад, поголема потреба од храна и зголемување на телесната тежина. Доколку можеме да го блокираме врзувањето на рецепторот со метаболитот и да го регулираме формирањето на инсулинот, би можеле да го контролираме чувството на глад“, смета Салехи.

Како резултат на големото истражување кое трае неколку години, научниците под раководство Алберт Салехи мапирале повеќе од 130 рецептори на бета-клетките. Целта на научниците е да ги проучат соте овие рецептори и нивните функции.