Силно и крваво воспаление на тенките црева и 12-палачното црево, е причина за угинувањето на жирафата Орка во Зоолошката градина во Скопје, соопшти денеска професорот Дине Митров, декан на Факултетот за ветерина.
Како што соопшти тој, обдукцијата на Орка била извршена на лице место, кратко по смртта, а биле направени сеопфатни анализи и методи за кои што е потребно повеќе време за да се дојде до конечниот резултат.
Орка, според директорката на ЗОО, Татјана Стаменов, не покажувала никакви симптоми, а на кобното утро на 23-ти јануари, на редовната визита од ветеринар и биолог, таа одморала и била во добра состојба.
Деканот појасни дека бактеријата ешерихија коли ја имаат сите, и луѓе и животни, при пад на имунитет може да предизвика сериозни проблеми, па дури и смрт. Во случајот со Орка, била предизвикана некроза, односно изумирање на клетките во 12-палачното и тенките црева.
Од ЗОО потенцираат дека не станува збор за зараза и нема опасност за останатите животни.
Портпаролот на ЗОО,Даме Кузмановски, потенцираше дека целта на денешната пресконференција е да се демантираат сите шпекулации околу угинувањето на Орка, од вродена срцева маана, до тепачка меѓу останатите жирафи, па дури и удирање со лопати од страна на вработените. Од таму нагласија дека било потребно време да се открие точната причина за смртта на Орка.
Орка имаше само три и пол години и беше едно од најомилените животни во Зоолошката. Жирафата беше донација од ОРКА Холдинг Скопје. Според директоркта, губењето на Орка е ненадоместливо, иако има уште три жирафи.