
Научниците од Универзитетот Калифорнија во Ирвајн создадоа 3D модел на познатата слика на Леонардо да Винчи „Спасителот на светот“ и ја открија тајната на прозрачната топка во раката на Христос, којашто го симболизира Универзумот, објави магазинот MIT Technology Review.
Прозрачната топка речиси и не го прекрива просторот зад себе на делото, што долго време поставаше прашања кај историчарите на уметноста, бидејќи е познато дека еден од најголемите уметници и изумители се занимавал со проучување на оптиката.
Користејќи компјутерска графика, истражувачите откриле дека предметот на сликата претставува шуплива сфера со дијаметар од 6,8 сантиметри изработена од стакло со дебелина не поголема од 1,3 милиметри. Топката се наоѓа на растојание од 25 сантиметри од телото на Христос, според параметрите добиени со компјутерската симулација, поради што нема изоблиувања на заднината.
Пред две години американскиот биограф Волтерн Ејзексон во трудот посветен на Леонардо да Винчи, го истакна мислењето дека уметникот се обидел да ги изрази Христос и неговата топка со „чудесни својства“, истакнувајќи дека доколку точно ги доловил искривувањета, дланката зад сферата би се намалила или зголемила.
Сликата „Спасителот на светот“ (Салватор Мунди) на Леонардо да Винчи, настаната околу 1500 година, долго време се сметаше за загубена. Во ноември 2017 година таа беше продадена на наддавање на аукциската куќа Christie’s во Њујорк за 450,3 милиони долари, со што стана најскапото уметничко дело во историјата. Во моментов платното е дел од приватна колекција, а според медиумите саудискиот престолонаследен принц Мухамед бин Салман е вистинскиот сопственик на ремекделото на италијанскиот мајстор.