Истражувачи открија дека некои астероиди се составени од повеќе карпи, а не од едно големо тело. Ова би можело да го отежни менувањето на нивната насока во случај на опасно доближување до Земјата.
Моменталните планови за соочување со потенцијално опасен астероид вклучуваат удирање во него за да се смени неговата насока. Американската вселенска агенција НАСА неодамна намерно удри сонда во астероидот Дидимос и со тоа ја смени неговата насока на движење за да го тестира овој метод.
Меѓутоа, група истражувачи од Јапонија открија дека астероидот Итокава, кој бил посетен од јапонска сонда во 2005 г., е постар отколку што се мислело претходно. Она што е специфично за овој астероид е тоа што не претставува една голема карпа, туку е составен од повеќе карпи.
Научниците проценуваат дека овој вид астероиди траат многу подолго од другите поради составот. Астероидот Итокава е стар околу 4,2 милијарди години, што е неверојатно долг „животен век“ за астероид со толкава големина, според научниците. Составот од повеќе помали карпи овозможува поголема отпорност на удари, а тоа ја објаснува неговата старост, додаваат научниците.
Доколку ваков астероид се насочи кон Земјата, тоа би биле лоши вести за нас бидејќи би било многу тешко да се уништи. Освен тоа, научниците велат дека веројатно има многу други вакви астероиди во астероидниот појас, што значи дека шансите за удар од ваков астероид се поголеми отколку што се мислело претходно.
Потребно е да се работи на стратегии кои ќе понудат заштита и од вакви астероиди.