Јотова: Палењето на Центарот за култура во Битола е дел од масовната антибугарска кампања, со години сме навикнати на вакви инциденти и тоа е најголема причина за ветото

„Навистина очекувам надлежните македонски власти да ја завршат својата работа и да спроведат длабинска истрага, да ги откријат виновниците и да ги казнат многу строго. Ниту на Бугарија ниту на РСМ моментално им требаат дополнителни тензии. Уште повеќе, кога преговорите меѓу двете земји се на нула точка, кога европските партнери очекуваат PCM да ги исполни критериумите и условите поставени од Бугарија“, изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова во изјава за БНР.

Таа го коментираше инцидентот со пожарот, односно запалената влезна врата на бугарскиот културен институт „Иван Михаилов“ во Битола.

„Со години сме навикнати на вакви инциденти и ова е најголемата причина за ветото на Бугарија. Имаме наши задолжителни 4 плус 1 услови и додека не видиме дека се исполнети од страна на РСМ, без разлика на притисокот од нашите европски партнери, без оглед на геополитичките размислувања, ние не можеме да ги изневериме интересите на Бугарите таму. Кога претседателот Радев инсистира правата на Бугарите да бидат запишани во уставот на РСМ, мислиме токму на тоа – Бугарите таму се државотворен народ и тие мора да ги имаат истите права како и сите други“, додаде таа.

На својот фејсбук профил таа напиша дека: Палењето на Центарот за култура „Иван Михаилов“ во Битола е уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања, која започна веднаш по отворањето на клубот.

Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности“, вели таа.