Пендаровски е за пропорционален изборен модел со отворени листи и намален број на изборни единици

„Намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборен праг како и отворените листи, имаат потенцијал да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните. Верувам дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес“, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на националната дебата за изборните реформи во државата.

На денешната дебата организирана од Институтот за европска политика, претседателот напомена дека изборните реформи се исклучително важно прашање што го дефинира демократскиот развој и амбиент буквално во секоја држава во светот.

-Мојот став со години наназад е дека на долг рок државата ќе биде подемократска држава ако повеќе политички субјекти бидат дел од еден подиверзификуван парламент. Тоа ќе значи дека повеќе граѓани ќе бидат претставени преку свои репрезенти во законодавниот дом, а во крајна линија тоа ќе придонесе не само за зголемена одговорност на партиите кон бирачите, туку и за враќање на довербата на граѓаните во институциите, додаде Пендаровски.

Тој напомена дека уште на почетокот на мандатот ја поддржал иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел. Според него, намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборниот праг, како и отворените листи, имаат потенцијал прво да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните, но и за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес од кои, за жал, тие се повеќе апстинираат како што годините одминуваат.

Тој упати апел до сите учесници на денешнава и на сите идни дебати на оваа тема, а, посебно до оние кои во иднина ќе одлучуваат за промени во изборниот модел, при разгледувањето на можните опции да се водат, пред сé, од јавниот интерес и подобрата иднина за сите граѓани, а помалку од партиските или личните интереси. Затоа што во зрелите демократии, како што рече, никој не е вечно на власт.