Отсечена човечка глава пронајдена пред зградата на судот во Бон

Отсечена човечка глава е пронајдена во вторникот пред зградата на судот во западниот германски град Бон.

„Случајни минувачи во раните вечерни часови ја алармирале полицијата и пријавиле дека дел од телото се наоѓа пред влезот на судот“, изјави портпаролот на полицијата.

„Набргу потоа, дознавме дека се работи за човечка глава“, рече тој.

Торзо за кое се претпоставува дека е од истото тело било пронајдено во близина на брегот на реката Рајна, недалеку од историската царинска зграда Алтер Зол.

Местата каде што се пронајдени деловите од телото се оддалечени околу еден километар.

Во близина е приведен еден осомничен. Полицијата соопшти дека станува збор за 38-годишен маж кој им е познат во врска со наркотици.

„Се верува дека и осомничениот сторител и неидентификуваната жртва се бездомници“, соопшти полицијата.

До синоќа не беше пронајдено оружјето со кое е извршено делото. Инспекторите и натаму трагаат по сведоци.