Денеска точно на пладне, во 12.00 часот. на плоштадот „Македонија“ во Скопје, Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија организираат отворен ден со граѓаните на Република Македонија насловен „АРМ со вас“.
Министерката Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, претставници на воено-дипломатскиот кор во Република Македонија и други високи претставници на МО и АРМ ќе присуствуваат на настанот.
Граѓаните на Македонија на централниот плоштад ќе го слушнат Воениот оркестар, ќе ја видат точката „Егзерцир“ на гардата на АРМ, боречките вештини на армиските специјалци. Како дел од настанот ќе бидат претставени и оклопни возила на Армијата, а ќе бидат поставени и штандови на кои сите граѓани ќе можат да се информираат за воената професија и огласот за прием на професионални војници кој е во тек. Пред граѓаните ќе се претстави и Воената академија, Центарот за обука на пилоти и Регионалниот центар за односи со јавноста, кој е единствен НАТО центар во Република Македонија.
Целта на отворениот настан е граѓаните одблиску да се запознаат со својата Армија и нејзините капацитети и да се информираат за воената професија и јавниот оглас за прием на професионални војници кој е во тек.
Повикуваме претставници на медиумите да присуствуваат на отворениот ден на АРМ на плоштадот „Македонија“. Ве молиме да пристигнете на плоштадот до 11.50 часот.