Отворен Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Завесата на 31-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој традиционално почнува на Денот на независноста, синоќа ја кренаа актерите од велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“ со претставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија на Ненад Витанов.

Годинашното фестивалско издание за отворено го прогласи членот на Советот на Општина Струмица, Елена Магеровска Паликарова.

-Го дочекавме и влезот во четвртата деценија од споделувањето на струмичката љубов, почит и верност кон бардот на македонското глумиште Ристо Шишков, преку единствениот меѓународен театарски фестивал посветен на актерот, фестивал кој покрај спомените на великанот, овозможува тој да живее и во годините кога самоуверено чекори само по небесените штици, играјќи големи ролји кои нему му прилегаат, рече Магеровска Паликарова.

Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда од 1.500 евра и плакета се актери од десет претстави од земјава, Бугарија и Словенија.

Жирото го предводи ланската лауретка, актерката, Дарја Ризова, писателот и професор на ФДУ, Иван Додовски и актерката Мими Таневска.

Според селекторот на фестивалската програма, режисерот Љупчо Георгиевски, десетте претстави избрани за учество на Фестивалот ќе понудат одлични актерски креации.

-Во изборот на програмата се раководев од тоа што е карактеристика на овој Фестивал, бидејќи е посветен на големиот Шишков и има единствена актерска награда и да има конкурнетни улоги, конкуретни артисти кои ќе се овенчаат со ова голема награда, „Ристо Шишков“, рече Георгиевски.

Вечер програмата продолжува со претставите „ За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски,проект на Нино Леви и Билјана Драгичевиќ Пројковска и „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Милош Андоновски, а во изведба на актери од Тетарот во Тетово.

На отворањето на ланската лауретка Дарја Ризова и беше врачена фестивалската плакета, која од лани е составен дел на единствената награда за највисоко актерско остварување.

Фестивалот се одржува од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.