Отворена истрага за сообраќајката во која загина навивачката легенда на Комити

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишен скопјанец осомничен за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и за – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по член 301 став 1 од Кривичниот законик.

На 2 април, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, осомничениот управувал автомобил „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, без притоа да поседува возачка дозвола. Движејќи се по улицата „Скупи“, кога дошол пред пунктот на ЈП „Водовод-Пумпи“, во обид да изврши престигнување, преминал преку полна надолжна линија на коловозната лента наменета за движење на возилата од спротивната насока. На овој начин тој го попречил нормалното движење на возилото што доаѓало од спротивната насока – мопед „пежо“ со скопски регистарски ознаки. Со предниот дел од автомобилот осомничениот удрил во мопедот на кој се превезувале две лица.

По несреќата, без да укаже помош на оштетените кои останале да лежат на коловозот, осомничениот го напуштил местото на настанот. Во несреќата, лицето кое управувало со мопедот се здобило со тешки телесни повреди, додека сопатникот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди на кои подоцна им подлегнал и починал.

Бидејќи постојат околности кои што укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна потапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Како значајна околност во предлогот за притвор јавниот обвинител го наведе фактот дека непосредно по сообраќајната несреќа осомничениот избегал без да се обиде да им укаже помош на настраданите, што е очигледен доказ за неговото избегнување да се соочи со последиците од преземените противправни дејствија.​​