
Спомен-куќа и музеј посветени на историјата на Македонскиот фронт од Првата светска војна со пригодна свеченост беа отворени денеска на Француските воени гробишта во Скопје. Иницијативата за отворање на двата музејски простори, посветени на настаните од Првата светска војна во Скопје и во Битола, по повод одбележувањето на пробивот на Македонскиот фронт е на Амбасадата на Франција во Република Македонија.
На свеченоста присуствуваше Мирјам Ашари, директор за историско наследство и архиви при Министерството за вооружени сили на Франција, францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и многубројни гости од земјава и од Франција.
Нов музејски простор ќе се отвори и во Битола од страна на француската министерка за одбрана. Не станува збор само за нашето сеќавање, туку и за нашето заедничко минато, како и иднина. Овие простори ќе бидат посветени на средношколците за тие да се запознаваат со настаните од Првата светска војна преку предметите изложени во спомен-куќата. Идејата е просторот да биде посветен за сите оние кои овде доаѓаат во посета, а воедно сакаме да ја отвориме и таа туристичка рута Солун-Скопје -Белград со која ќе се потсетуваме на сите маршути каде поминала француската војска, но и на сите спомени. На учениците треба да им се покаже која е цената и влогот, но и дека нашата историја е заедничка, додаде Тимоние.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека овој музејски простор ќе сведочи за Македонскиот фронт и ќе биде симбол на врските и пријателството меѓу Франција и Македонија.
Македонскиот фронт, кој се протегал од Охридското Езеро, па сè до Орфанскиот Залив во Егејското Море е линијата каде што се одиграле едни од најкрвавите, но и најпресудни битки во Првата светска војна. Голем дел од градовите и селата по должината на линијата на фронтот се срамнети до земја, а околу 200.000 Македонци учествуваат на двете страни од боиштето. Тука војуваат и француски, и руски, и српски, и грчки, и бугарски војски, а како што запишал еден современик на тие настани: Македонија станала некропола на странските војски, изјави Шилегов.
Тој додаде дека само на ова место се наоѓаат посмртните останки на 2.930 француски војници, од кои единствено 930 се идентификувани, а никој не може да каже дека во преостанатите 2.000 незнајни војници нема и некој од овие краишта.