Во рамки на одбележувањето на Месецот на книгата, 13 ученици од петте основни училишта во Кочани учествуваа на општинскиот натпревар „Млади библиотекари“, што по дваесетти пат го организираше библиотеката „Искра“.
Жири комисијата составена од вработени во институцијата, информираше дека најдобри резултати оствари Јована Богданова, ученичка во осмо одделение од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и таа ќе ја претставува општината на државниот напревар, што на 15 ноември ќе се одржи во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Според бројот на освоени поени, второпласиран е ученикот Васил Трајанов од ОУ „Крсте Мисирков“, а третото место го поделија Нена Иванова од ОУ„Малина Попиванова“ и Јован Зафиров од ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
На најдобрите натпреварувачи им беа доделени дипломи и пригодни подароци, а останатите учесници добија книги.