Јовановски бара изземање на судијката во „Меѓународен сојуз“, поради пристрасност, била во судечкиот совет за „Рекет“

Обвинетиот во случајот Меѓународен сојуз, Бојан Јовановски, на почеток на денешното судење побара изземање на судијката во процесот.

Судијката Софче Гаврилова, вели Јовановски, судењето го води пристрасно бидејќи била дел од судечкиот совет во случајот „Рекет“.

– И вие самата изјавивте дека со оглед дека сте биле дел од „Рекет“, веќе сте оформиле мислење, па не може да се очекува дека при донесувањето пресуда за Меѓународен сојуз, нема да бидете пристрасни – рече Јовановски.

Според него случајот е политички мотивиран, а како што рече, и судијката била политички инструирана.

Судијката, рече дека, барањето ќе биде проследено до претседателот на Судот, по што рочиштето продолжи со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството.

Јовановски, пред судот, се пожали и дека од специјалист му е наложено во следниот месец да биде на строга терапија и во легната состојба, како и дека не може да го следи изведувањето на доказите.

За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација