Пациентите заразени со делта сојот на коронавирусот не се вакцинирани

Ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Covid-19, информираше во вторникот Министерството за здравство.

По направените анкети со пациентите, утврдено е дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани.

Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој осум до девет дена откако појавил симптоми на Covid-19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација.

Во моментов се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и возможно е да се утврди и кај нив присуство на индијски сој на вирусот, информираат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од коронавирус. Сите вакцини со кои располагаме се безбедни и ефикасни и се единствениот начин за заштита од Covid-19.