Пад на индустриското за 1,3 отсто

Индустриското производство во периодот јануари – декември 2022 година во однос на периодот јануари – декември 2021 година е намален за 0,3 отсто, додека во декември 2022 година во споредба со декември 2021 година бележи пад од 1,3 проценти.

Според Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2022 година во однос на декември 2021 година бележи опаѓање од 2,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија намалување за 2,3, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 11,6 проценти.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во декември 2022 година во однос на декември 2021 година бележи опаѓање кај Интермедијарни производи, освен енергија за 8,1 отсто, Капитални производи за 0,8 и Трајни производи за широка потрошувачка за 16,9, додека пораст бележи кај Енергија за 10,1 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,3 процента.