Пад на Волстрит по коментарите на шефот на централната банка на САД

На Волстрит берзанските индекси паднаа во четвртокот бидејќи претседателот на американската централна банка Џером Пауел изјави дека нема потреба да се брза со ублажување на монетарната политика, па згаснаа надежите на инвеститорите за намалување на каматните стапки во декември.

Индексот Dow Jones падна за 0,47 отсто, на 43.750 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,6 отсто, на 5.949 поени, а индексот Nasdaq 0,64 отсто, на 19.107 поени.

Пауел на состанокот во Федералните резерви (Federal Reserve – Fed) рече дека со оглед на тоа што економијата сè уште расте, солидниот пазар на трудот и инфлацијата над целта од два отсто, централната банка може внимателно да размисли за намалување на каматните стапки.

„Економијата не испраќа никакви сигнали дека треба да избрзуваме со намалување на каматните стапки“, рече претседателот на централната банка.

Ден претходно пазарот процени дека има 82 отсто шанси Fed да ги намали каматните стапки за дополнителни 0,25 отсто во декември, но по коментарите на Пауел, тие шанси се намалија на 58 отсто.

„Изјавите на Пауел делуваа како студен туш на оптимистичките очекувања на инвеститорите за намалување на каматните стапки“, рече Адам Хетс, аналитичар во компанијата „Janus Henderson Investors“.

Пауел ги даде овие изјави откако беше објавено дека цените на производителите во САД се зголемија за 2,4 отсто на годишна основа во октомври, нешто повеќе од очекуваното. Ова покажува дека инфлацијата е сè уште покачена.

„Постојат зголемени докази дека инфлацијата останува над целта на Fed од два процента. Последните податоци во голема мера се во согласност со очекувањата, но некои инвеститори направија чекор наназад, бидејќи расте неизвесноста за тоа што ќе направи Fed на состанокот во декември“, вели Мелиса Браун, извршна директорка во „SimCorp“.

Меѓу најголемите губитници вчера беа акциите на производителот на електрични возила „Tesla“, со пад од 5,8 отсто, и на „Rivian Automotive“, со пад од 14,3 отсто, откако Reuters објави дека транзицискиот тим на американскиот претседател Доналд Трамп планира да стави крај на владините субвенции од 7.500 долари за купување електрични возила како дел од пошироката даночна реформа.

А на европските берзи вчера поскапеа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,51 отсто, на 8.071 поен, додека франкфуртски DAX порасна за 1,37 отсто, на 19.263 поени, а париски CAC за 1,32 отсто, на 7.311 поени.